Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека повлекувањето на војниците од административната линија и апсењето на Милан Радоичиќ се добар чекор и дека во интерес на Вашингтон е да се најде политичко решение за ситуацијата.
„Нема сомнеж дека имаше повлекување на помал дел од војниците и дека во таа смисла работите се движат во добра насока. Можам да кажам и дека имаме потврда за намалениот број војници. Проблемот овде не е воен, туку всушност политичи“, рече Хил во интервју за Танјуг.
Тој додаде дека зголеменото присуство на војници долж административната линија со Косово предизвикува загриженост и дека САД побарале од српското раководство да ги повлече војниците.
„Многу ни е драго што можеме да кажеме дека тоа се случи“, рече американскиот амбасадор.
Зборувајќи за настаните во Бањска на 24 септември, Хил рече дека ЕУ и САД сакаат да знаат што точно се случило тогаш.
„Мислам дека апсењето на Радоичиќ, кој се чини дека ја призна вината за повеќето работи што се случија, беше добар чекор. Сепак, мислам дека сите сакаме да знаеме за што всушност се работи, што сакале да постигнат, каде го добиле сето тоа оружје и муниција“, рече американскиот дипломат, додавајќи дека разговорот за вистинските проблеми зависи „од јасен увид во тоа што всушност овие луѓе заедно со господинот Радоичиќ се обидувале да направат и што сакале да постигнат“.
Коментирајќи го фактот дека 11 отсто од Србите го напуштиле Косово откако Албин Курти дојде на власт, Хил наведува дека овие бројки се вознемирувачки.
„Мислам дека тоа зборува во прилог на фактот дека ни треба политичко решение. Апсолутно е јасно дека нема воено решение за овој проблем. Ни треба политичко решение, ни треба решение кое ќе направи српската заедница да се чувствува како да знаат што ги чека во иднина“, рече американскиот амбасадор.
Прочитајте повеќе на Канал5.