Најмалку 68 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судирот на двата воза утрово во Урда, во покраината Толедо, на железничката линија Мадрид – Севилја, покажуваат најновите податоци од Службата за цивилна заштита во Кастилја-Ла Манча. Во возовите патувале вкупно над 500 лица во моментот кога едниот воз удрил во задниот дел на другиот воз што стоел на истата линија, при што повеќе вагони излегле од шините.
Оваа трагедија претставува една од најтешките во поновата историја на шпанскиот железнички сообраќај, по серијата тешки инциденти што се случија во изминатите две и пол децении.
На 18 јануари 2024 година, вкупно 46 лица загинаа, а повеќе од 120 беа повредени откако воз со голема брзина излета од шините и се судри со воз од спротивен правец близу Адамус, во провинцијата Кордоба во областа Андалузија. Катастрофата сè уште се истражува, а прелиминарниот извештај на шпанската Граѓанска гарда од февруари како главна хипотеза за инцидентот ги посочува дефектите во железничкиот пат, шината или заварувањето меѓу два дела од шината, додека истражувачите продолжуваат да разгледуваат уште седум можни верзии за причините.
Претходно, на 9 септември 2016 година, во Порињо, во областа Галисија, при железничка несреќа кога од шините излезе португалски воз загинаа четири лица, а 48 беа повредени. Возот сообраќаше на релација од Виго во Галисија кон Порто во Португалија, со вкупно 65 лица, меѓу кои 63 патници и двочлен екипаж.
Една од најсмртоносните несреќи се случи на 24 јули 2013 година, кога воз со голема брзина со осум вагони излета од шините на остра кривина близу северозападниот град Сантијаго де Компостела, удри во бетонски ѕид и се запали. Во таа несреќа загинаа 80 лица, а 145 беа повредени. Комисијата при Министерството за транспорт заклучи дека катастрофата била предизвикана од пречекорена брзина и расеаност на машинистот поради телефонски повик од неговиот началник, иако здружението на жртви посочи пропусти и во безбедносните системи на самата железничка линија.
На 21 август 2006 година, на железничката станица во градот Виљада, во Северна Шпанија, од шините излета воз со 460 патници, при што загинаа шест лица, а 40 беа повредени поради пречекорена брзина. Истата година, на 10 април 2006 година во 03:00 часот изутрина, се судрија два товарни вагони без патници на линијата Лусеро-Аргуелес во Мадрид, при што загинаа две лица.
На 21 мај 2004 година, при судир на возови на станицата Линарехос, на околу 100 километри од Самора во Северозападна Шпанија, беа повредени 20 лица, откако двата воза со 505 патници делумно дераилираа, а двете локомотиви се запалија.
Црниот биланс на шпанските пруги го бележи и терористичкиот напад на 11 март 2004 година, кога десет бомби поставени во ранци експлодираа во четири приградски возови во Мадрид за време на утринскиот шпиц, убивајќи 193 лица и ранувајќи илјадници луѓе. Нападите беа извршени од исламистички екстремисти поврзани со противењето на учеството на Шпанија во војната во Ирак.
На 4 јуни 2003 година, патнички воз се судри челно со товарен воз во Централна Шпанија, при што загинаа 11 лица, околу 40 беа повредени, а 16 патници се водеа како исчезнати откако во неколку вагони избувна пожар поради погрешно даден сигнал од диспечер. На 30 март 2002 година, два патнички воза се судрија на станицата Торедембара на линијата Барселона-Валенсија, меѓу експресот „Еуромед“ и локалниот воз, при што загинаа двајца, а 99 лица беа повредени. На 7 септември 2000 година, во градот Каранса во Северна Шпанија, при челен судир на два товарни воза загинаа најмалку четири лица.
