Хрватската гранична полиција ќе може привремено да ја поедностави примената на европскиот Систем за влез и излез – EES, доколку се процени дека патниците на надворешните граници ќе чекаат подолго од 45 минути.

Олеснувањето не значи отворање на границата без контрола. Пасошите и натаму ќе се проверуваат, а за патникот ќе биде креирано електронско досие, но полицијата привремено ќе може да не зема фотографија од лицето и отпечатоци од прстите. Токму внесувањето на биометриските податоци, особено при првото патување по воведувањето на EES, создава дополнителни задржувања.

„Во вонредни ситуации, кога очекуваме дека времето на чекање ќе биде подолго од 45 минути, имаме право делумно да го суспендираме EES. Тоа значи дека се креира досие, но лицето не мора да дава биометриски податоци, односно приказ на лицето и отпечаток од прст“, изјави за ХРТ Јосо Вујиќ, раководител на граничната служба во Полициската управа Сплитско-далматинска.

Можноста ја потврди и хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.

„Постојат можности за краткотрајна и привремена флексибилизација и ги користиме доколку се покаже потреба. Сепак, ова е систем што пред сè е наменет за безбедноста на граѓаните на Европската Унија“, изјави Божиновиќ.

Правилото не значи дека по истекот на точно 45 минути проверките автоматски ќе бидат намалени. Одлуката ќе ја носи граничната полиција врз основа на процена на сообраќајот, должината на колоната, очекуваното задржување и безбедносната состојба. Мерката ќе биде временски ограничена и ќе се применува само додека трае сериозниот застој.

Олеснувањето е важно и за македонските државјани што патуваат кон Хрватска. EES се применува за државјани на земји надвор од Европската Унија и Шенген-зоната кои влегуваат за краток престој, без разлика дали им е потребна виза. Системот електронски го регистрира времето и местото на влез и излез, податоците од патниот документ, фотографијата и отпечатоците од прстите.

Најдолги колони во Хрватска се регистрираат на преминот Бајаково кон Србија и на Карасовиќи кон Црна Гора, кој го користат и патниците што продолжуваат кон Албанија. Задржувања има и на премините со Босна и Херцеговина, особено во деновите на туристичка смена и за време на викендите.