Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ кажа денес дека владата повторно ги замрзнува цените на основните горива, но и на нафтата за домаќинство, поради очекуваниот раст на цените на нафтените деривати.
-Имајќи го предвид очекуваниот раст на цените на нафтените деривати одлучивме повторно да донесеме одлука за лимитирање на цените на евросуперот 95 на постоечките 11,37 куни (1,51 евра), значи тоа е цената која е околу две, три недели и таа ќе остане во следните месец дена, и дизелот на 11,29 куни (1,50 евра), кажа Пленковиќ.
Истакна дека со тоа владата „покажува дека државата води сметка за своите граѓани и нивниот стандард“.
Одлуката, како што наведе, ќе биде објавена денес и веднаш ќе стапи на сила.
-Според тоа утре ќе биде иста цената на бензинот – обичниот евросупер 95 и обичниот дизел, додека цената за премиум горивата нема да биде лимитирана. Кој има пари и сака да си го дозволи најквалитетното гориво, тоа може да го направи, заклучи Пленковиќ.
На прашањето зошто горивото во Хрватска е најскапо во опкружувањето, Пленковиќ кажа дека владата во октомври реагирала и го намалила ударот врз граѓаните.
-Цените се формираат на пазарот, не ги одредува владата, тие времиња одамна се зад нас. Сега се одлучивме на чекор кој е добар за граѓаните. Гледаме дека бензинот се троши како и до сега, кажа хрватскиот премиер, додавајќи дека цените и во соседните земји варираат.
-Ако дистрибутерите на гориво имаат простор да ја спуштат цената, нека ја спуштат, јас сум за, кажа Пленковиќ.