Владата на Хрватска го измени Законот за прекршоци и значително ги зголеми казните за прекршоци, вклучително и јавното изговарање на усташкиот поздрав „За дом спремни“.

Најлесните прекршоци ќе се санкционираат со казни до 1.000 евра, а најтешките до 4.000 евра.

Најсериозните прекршоци вклучуваат јавно изговарање на усташкиот поздрав „За дом спремни“ и ширење лажни вести.

Ова е единствениот потег за построга казна за истакнување усташки симболи во Хрватска, пренесува Хина.

„За одредени видови прекршоци глобите се зголемуваат за да се приспособат на барањата на времето и да имаат застрашувачки ефект, на тој начин да се усогласат со казните за слични прекршоци од другите закони“, рече министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ.

Група на најтешки прекршоци
Законот по итна постапка ќе биде доставен до хрватскиот Сабор, а според предлогот сега драстично ќе се зголемат износите на казните кои досега се движеа меѓу 20 и 170 евра.

Најтешките прекршоци вклучуваат прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир со посочување или носење симболи, изведување, репродуцирање песни и текстови, слики, цртежи, дрско и непристојно однесување во јавноста кое ги навредува граѓаните и им го нарушува мирот, како и измислување и ширење лажни вести и неовластено пукање со огнено оружје.

Српското национално малцинство и еврејската заедница во Хрватска со години бараат ваквите инциденти построго да се казнуваат преку Кривичниот законик.

Преговорите на оваа тема се водеа зад затворени врати во последните две години.