Откако вчера не успеаа да се договорат со Град Скопје двата приватни превозниоци, Слобода превоз и Макекспрес, денеска ќе договараат дали ќе продолжат со протестот и каква форма ќе добијат нивните активности.
За денеска се знае дека повторно нема да сообраќаат на линиите 9, 12, 23 и 45. Приватниот превозник „Слобода превоз“ има побарувања од околу 1 милион евра поради што доцнат платите на сопствениците на автобуси.
Претходно беа исклучени од сообраќај пет други линии на кои сообраќаа автобусите на Макекспрес откако не успеаја да си го наплатат тримесечниот долг, а во обидот да изнајдат решение за проблемот им беше раскинат договорот со објаснување дека не се придржувале до договореното, не се грижеле за хигиената на автобусите како и дека изминатите години воопшто не било инвестирано во нови возила, а приватниот превозник продолжил да вози со старите дотраени автобуси. Градоначалничката Арсовска ги посоветува доколку се одлучат да протестираат нивните возила да ги паркираат пред седиштата на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ бидејќи како што посочи тие се виновни за настанатиот долг.