Податоците на Евростат покажуваат дека Македонија има меѓу најниските цени на храната и пијалаците во регионот – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за податоците на Евростат според кои цените на храната и безалкохолните пијалаци во земјата се за 25 проценти пониски од просекот на 36 европски земји.
Мицкоски, кој денеска присустуваше на пуштањето во употреба на улицата „Прохор Пчињскиʼʼ во населено место Чифлик во општина Чешиново Облешево, рече дека според ценовниот индекс со референтна вредност 100, земјава е меѓу државите со најниски цени во регионот.
-Еуростат објави податоци коишто се однесуваат на реперот 100, дека ние се наоѓаме како држава со најниски цени од аспект на пијалаците и од аспект на храната, убедливо најниски во регионот, со што паѓаат сите тези на оние злонамерници изминатиов период коишто ширеа лаги и дезинформации. Се разбира, тука пред сè мислам на поединечни синдикалци коишто се практично опозициски коалициони партнери. И со тоа паѓа таа нивна теза. Се разбира дека сите проблеми не се решени, треба многу од проблемите да се решаваат, бидејќи тоа што се случувало повеќе од 30 години, ние не можеме за две години да го решиме. Но, голем дел од проблемите се решени или се во процес на решавање – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека Владата работела на консолидирање на инфлацијата и затоа денес државата, особено во третиот квартал има убедливо најниска стапка на инфлација во регионот и како што додаде, можеби и во Европа.
-Порано не убедуваа дека инфлацијата била увезена, кога имавме двојно поголема од просечната во Европската Унија. Денес кога имаме за 25-30 отсто пониска инфлација од таа во ЕУ, ги нема тие што не убедуваат, молчат, скриени некаде и се обидуваат како лешинари повторно со лаги, измислици и конструкции да нанесат некаква политичка штета. Но, се лажат. Ете видоа што се случи во Брвеница, четири спрема еден, пет спрема еден, ги губат изборите, затоа што не можат да го потценат народот. Тие мислат дека народот не се сеќава тоа што го правеа седум години кога ја ограбуваа и кога ја распродаваа Македонија, кога ја уништуваа Македонија. И сега кога гледаат дека од петни жили се мачиме нешто да повратиме од тоа што е распродадено и уништено, тие повторно како лешинари се обидуваат да наштетат, но се немоќни бидејќи народот е со Владата и со решенијата – рече Мицкоски.
