Во Собранието следниот месец ќе биде доставен Предлог закон за анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, со којшто ќе се продолжи рокот за изградба, најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Се уште се преговара за колку време ќе биде продолжен рокот за автопатот што со сегашниот анекс на Договорот со изведувачот кинески „Синохидро“ истекува следниот месец. Со новиот анексот не се предвидени дополнителни средства за реалзацијата на проектот од сегашните проектирани 598 милиони евра.

-Во текот на јуни ќе влеземе во Собранието, со анекс на договор за овој автопат што ќе значи продолжување на рокот за изградба. Во овој момент Јавното претпријатие за државни патишта преговара заедно со Министерството за транспорт со изведувачите и кредиторите до кога ќе биде реалниот рок за да се изгради овој автопат и за да го продолжиме рокот. Но важно едека дополнителни средства во овој момент не се предвидуваат, изјави Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање, откако се вакцинираше на вакциналниот пункт во Штип.

Прогресот на работите на автопатот изнесува 62 проценти, а Министерството за транспорт во изминатите месец и половина одобрило 20 од предвидени 70 инфраструктурни проекти за измени на трасата.

-Работите на автопатот се со прогрес од 62 проценти, тоа значи дека од целата сума на чинење од 598 милиони евра на овој најголем инфраструктурен објект на државата се реализирани 62 проценти. Останатот процент на реалзиација се работи. Министерството за транспорт и врски во изминатите месец и полововина одобри 20 инфраструктурни проекти,со што на 20 позиции даваме шанса за уште побрз развој на настаните и изградба на овој автопат. Тоа за мене е многу значајно бидејќи од 70 инфраструктурни проекти што ни стигнаа за 70 измени на овој пат веќе имаме одбренио 20. Отвораме силен фронт во оваа градежна сезона да продолжат активностите, рече Бочварски.

Автопатот од Кичево кон Охрид со должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година и според првичниот договор требаше да биде готов во 2018-та. Поради проблеми на трасата, рокот за изградба беше пролонгиран за јуни годинава.