Дипломатски извори тврдат дека е постигнат политички договор, но остануваат отворени клучни прашања
И покрај размената на воздушни удари меѓу САД и Иран, дипломатските контакти меѓу двете земји продолжуваат, а разговорите за можен договор се движат во позитивна насока, објави Си-ен-ен повикувајќи се на дипломатски извор.
Според извештајот, ноќните преговори минале успешно, додека двете страни паралелно водат разговори за меморандум за разбирање и можноста за ослободување на дел од замрзнатите ирански средства.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека нападите ќе продолжат доколку Техеран не се согласи на мировен договор, додека двете земји втор ден по ред разменуваат воздушни удари.
Во фокусот се милијарди долари замрзнати во странски банки
Три ирански извори и еден европски функционер за британските медиуми изјавиле дека разговорите меѓу Вашингтон и Техеран се интензивирани и покрај воената ескалација.
Според нив, веќе е постигнат политички договор, но сè уште не се усогласени сите детали, особено околу начинот на ослободување на десетици милијарди долари ирански приходи од нафта кои се наоѓаат во странски банки.
„Техеран сака да му се вратат од шест до 12 милијарди долари од замрзнатите средства, додека Вашингтон сака средствата постепено да се исплаќаат за хуманитарна стока и одбива директно да ги врати средствата на Иран“, изјави еден од иранските извори.
Иранските извори посочуваат дека актуелното раководство во Техеран во овој момент не инсистира на целосен и траен договор, туку на рамковно решение кое би овозможило прекин на воените дејствија и делумно ослободување на финансиските средства.
Трамп тврди дека Иран барал прекин на нападите
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека разговарал директно со ирански претставници кои побарале од него да ги запре нападите врз Иран.
Иранските власти подоцна ја негираа таа информација и отфрлија дека имало таков контакт со американскиот претседател.
