Белфаст осамна со изгорени автобуси, опожарени куќи и блокирани улици по ноќта исполнета со насилни антиимигрантски немири, кои избувнаа по нападот со нож што со денови ја потресува јавноста. Според медиумските извештаи, за нападот е обвинет 30-годишен Суданец, кој се обидел да обезглави маж во четириесеттите години.

Главниот град на Северна Ирска беше зафатен од немири во повеќе делови од градот. Маскирани групи палеле контејнери, автомобили и јавен превоз, а на улицата Њутаунардс демонстранти турнале запалени контејнери кон автобус, кој потоа целосно изгорел.

Немирите следувале по нападот со нож во понеделникот вечерта. Жртвата се здобила со тешки повреди на лицето, вратот и грбот и се наоѓа во сериозна состојба. Снимката од нападот, која е вознемирувачка, брзо се проширила на социјалните мрежи.

Во источен Белфаст по нападот биле запалени и повеќе куќи. Дел од жителите биле евакуирани додека пожарникарите се бореле со огнот. Снимките од теренот покажуваат пламен што избива од прозорците и густ чад над населбите, а полицијата соопшти дека немири биле регистрирани на повеќе локации низ Северна Ирска.

Првата министерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил, остро го осуди насилството, оценувајќи дека станува збор за хулиганизам, а не за заштита на заедницата.

„Групи маскирани мажи кои палат куќи и ги бркаат семејствата од нивните домови е ништо помалку од гнасен кукавичлук“, порача О’Нил.

Осомничениот за нападот е обвинет за обид за убиство, поседување нож на јавно место и закани со смрт. Според досега објавените информации, тој во 2023 година пристигнал во Ирска преку Даблин, а подоцна добил дозвола за престој во Обединетото Кралство до 2028 година.

Полицијата соопшти дека ги разбира стравувањата на јавноста по нападот, но предупреди дека насилството, палењето имот и заплашувањето не можат да бидат оправдување за протест.