Се очекува таа да трае најмалку седум дена и кога ќе заврши ќе биде организирано пренесување на нивните посмртни останки од Бугарија во земјава.
На средба со надлежниот главен обвинител, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Софија разговарал да се забрза собирањето биолошки материјал од роднините, кој треба да се спореди со ДНК на жртвите, за што во Скопје ќе биде пратен бугарски тим истражители. По завршување на идентификувањето на загинатите, МНР односно државата, рече Османи, ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт до Скопје.
Тој вчера ги посети и седумтемина патници кои ја преживеаја несреќата и рече дека се во стабилна и добра општа состојба, но дел од нив се во тешка психичка состојба и им е потребна професионална помош.
Тие се наоѓаат во софиската болница „Пирогов“ – шест се хоспитализирани на Клиниката за изгореници и пластична хирургија и еден е на трауматологија и им се извршени сите потребни итни интервенции.
Нашето Министерството за здравство соопшти дека сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување, а потоа ќе се направи план за нивниот транспорт кон Скопје.
На истрагата за автобуската несреќа што завчера се случи на автопатот „Струма“ работи бугарското Обвинителство, а шефот на дипломатијата очекува брзи резултати.
-Добив впечаток дека овде, во Обвинителството во Бугарија, е даден врвен приоритет на оваа истрага и дека сериозно се зафатени што побрзо да излезат со резултати. Се надевам дека оваа истрага ќе се одвива темелно за да се одредат вистинските причини за трагедијата, изјави Османи.
Со истражниот обвинител, рече, разговарале и за шпекулациите во однос на причините за несреќата, напомнувајќи дека тие се штетни за истрагата, ја оддолжуваат, а ја влошуваат и онака тешката емоционална состојба на семејствата.
Вештаци и истражители работат на утврдување на движењето на автобусот, местата каде што одморал и брзината со која се движел. Формиран е тим со претставници на Агенцијата за патна инфраструктура и од Дирекцијата за национална контрола во градежништвото во Бугарија, кој во рок од пет дена треба да изврши увид каде што се случи несреќата. Врз основа на наодите од увидот и проверките треба да презентира извештај за состојбата на делницата, како и да процени какви мерки ќе се преземат за нејзино обновување.
Бугарски експерти за безбедност на патиштата посочуваат можни причини за тешката сообраќајка, како избледени хоризонтални ознаки на автопатот, немање патна сигнализација, лоша состојба на рефлектирачката сигнализација, можен шверц на гориво или човечка грешка… Според Румен Дунев, автобусот имал двапати пат на сопирање, а возачот не спиел. Тој тврди дека автобусот се запалил уште пред да ја однесе заштитната ограда од свртувањето.
Министерството за транспорт и врски вчера информираше дека на фирмата-превозник „Беса транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење дејност. Соопшти дека за автобусот во кој загинаа 45-те патници немало издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци.
Во соопштението беше посочено дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре завчера.
Секторот за професионална одговорност на Царинска управа вчера на ГП „Деве Баир“ вршеше детална контрола на постапувањето на превозникот и на царинските службеници на денот на излез на автобусот од државава, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.
Првичните наоди од внатрешната контрола, како што соопшти Царината, покажуваат дека на 18 ноември од царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници. По досега утврдените неправилности во постапувањето, најавија дека двајца царински службеници, кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат суспендирани од работното место, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран.
Во земјава денеска е трет ден жалост за загинатите во несреќата и се откажани културни и спортски настани, а нема да се одржи ни собраниската седница за пратенички прашања.
Во Скопје вчера се одржа комеморативен марш на ученици и вработени во ОУ „Исмаил Ќемали” во Чаир оддавајќи им почит на пет загинати нивни соученици. Општина Чаир на вонредна седница донесе одлука за финансиска помош на семејствата на загинатите и одлучи за таа цел да ги пренамени средствата предвидени за новогодишно украсување. И Општина Гази Баба најави дека ќе се приклучи на хуманитарната акција на Црвениот крст за обезбедување финансиска помош за семејствата на настраданите.