Одлуката е донесена едногласно од 32 земји членки

Меѓународната агенција за енергија најави дека ќе ослободи 400 милиони барели нафта од стратегиските резерви на земјите членки. Станува збор за најголемо ослободување на резерви во историјата на организацијата. Информацијата ја соопшти шефот на агенцијата Фатих Бирол во изјава објавена на веб-страницата на организацијата.

Бирол посочи дека одлуката е донесена едногласно од сите 32 членки на организацијата. Тој нагласи дека конфликтот на Блискиот Исток има силно влијание врз глобалните енергетски пазари, при што азискиот регион е најпогоден од последиците.

Според него, ослободувањето на нафтата ќе се реализира во временска рамка што најмногу ќе одговара на условите во кои се наоѓа секоја земја членка. Повеќе детали за распределбата и динамиката на испораката, како што најави, ќе бидат објавени дополнително.

Пораст на цените и проблеми со транспортот низ Ормускиот Теснец

Конфликтот на Блискиот Исток значително го наруши транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец. Станува збор за клучен морски пат низ кој вообичаено поминуваат околу 20 проценти од светските испораки на нафта. Поради прекините, цените на глобалните енергетски пазари нагло пораснаа, пренесува БТА.

Цената на нафтата повторно се зголеми и попладнево достигна околу 93 долари за барел на меѓународните пазари, пренесе ХРТ. Ова доведе до шпекулации дека најавеното ослободување на 400 милиони барели од резервите може да значи дека не се очекува брз крај на конфликтот.

На лондонскиот пазар цената на барел беше повисока за 5,04 долари во однос на вчера и достигна 92,84 долари пред затворањето на берзата. На американскиот пазар барелот поскапе за 4,81 долари и се продаваше по 88,26 долари.

Пазарите со внимание ја очекуваа одлуката на Меѓународната агенција за енергија за користење на стратегиските резерви.

Според податоците на агенцијата, извозот од земјите во регионот на Персискиот Залив паднал на помалку од 10 проценти од нивото пред војната. Тоа значи дека во моментот низ Ормускиот Теснец минуваат помалку од два милиони барели нафта дневно.

Иран ја презеде контролата врз теснецот по нападот меѓу САД и Израел. По преземањето на контролата беше забранет транзитот на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.