Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран бара услови со кои тој не може да се согласи, порачувајќи дека исходот ќе биде или договор или целосен воен пораз на Техеран.

„Или ќе се договориме или ќе ги збришеме“, изјави Трамп пред новинарите во комплексот на Белата куќа.

Тој претходно рече дека не е задоволен од последниот ирански предлог за решавање на конфликтот, кој почна со американско-израелските напади врз Исламската Република на 28 февруари годинава. Американскиот претседател истакна дека со Техеран преговара телефонски.

„Штотуку завршив разговор со Иран. Не сум задоволен“, рече Трамп.

Трамп нагласи и дека не е загрижен за американските резерви на борбени ракети, и покрај стравувањата дека тие се намалуваат поради воените дејствија против Иран.

Од друга страна, американскиот претседател изјави дека вчера разговарал со номинираниот за премиер на Ирак, Али аз Заиди, на кого му изразил силна поддршка. Вашингтон настојува да одржува блиски односи со Багдад од безбедносни причини, во услови на зголемени тензии во регионот.

Трамп ја коментираше и својата претстојна посета на Кина, оценувајќи дека таа ќе биде „одлична“. Тој потврди дека ќе се сретне со кинескиот лидер Шји Џјинпинг.

Американскиот претседател најави и дека најверојатно ќе учествува на самитот на Г7 во Франција, планиран за средината на јуни.