Студентите Албанци од правните факултети не го прифаќаат компромисниот предлог на Министерството за правда и најавија продолжување на масовните протести. Нивното клучно барање останува правосудниот испит во целост да се полага на албански јазик.
Предлогот што го изнесе министерот за правда Јетон Шасивари предвидуваше теоретскиот дел, составен од 12 предмети, кандидатите да го полагаат на албански јазик, додека практичниот сегмент од два предмета задолжително да се полага на македонски јазик. Студентските претставници овој предлог го оценија како делумен чекор напред, но недоволен за прекин на нивниот граѓански притисок.
„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик“, изјави Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“ по состанокот во ресорното министерство.
Студентскиот правобранител нагласи дека досега организирале два јавни собири и дека токму преку протестите успеале да го наметнат ова прашање во јавноста и кај надлежните институции.
„Направивме два протеста, излеговме на улица. Бараме нашите барања да се почитуваат. Ова е наш голем успех бидејќи го добивме тоа што ни следува, но не сме задоволни“, порача Мехмеди.
Од своја страна, министерот за правда Шасивари посочи дека конечното законско решение мора да се бара преку континуиран дијалог меѓу институциите, студентските тела и деканите на петте правни факултети во земјава, со цел да се обезбеди правно издржан модел усогласен со европските стандарди.
