Богдан Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, во своето гостување во емисијата „Само Вистина“ зборуваше за Шарената револуција која беше формирана пред 5 години и посочи дека од нивната главна парола „нема правда, нема мир“ денеска нема ништо.
-Јас многу сум пишувал за сите тие состојби уште на времето како тогаш се сомневав, денес сум убеден дека одредена политичка слика имаше за цел да злоупотреби едно автентично движење. Самите денеска си зборуваат, после 5 години колку се задоволни или не од тоа. Од нема правда нема мир, денеска доста е мирен денот, а за правда некако изгледа ќе почекаме во државата,рече Илиевски во своето гостување.
Понатаму Илиевски во своето гостување побара од својот соговорник Стојанче Ангелов кој ја поддржуваше Шарената револуција да каже до каде е со случајот со Смилковско езеро, со Младенов и со сите случаи кои тогаш се злоупотребуваа за манипулација.
-Не сум ве видел пред јавниот сервис во последниот период па би сакал да ве прашам, дали се променија многу работите, се промени ли политиката на јавниот сервис. Ако добро се сеќавам вие протестиравте зошто јавниот сервис не ги објавувал бомбите? Па еве имаше неколку бомби и пред неколку месеци за кои не ве видов да протестирате пред јавниот сервис. И тогаш имаше закон дека не требаше да се објавуваат, но Стојанче Ангелов бараше да се објавуваат. Можевме и после бомбите да слушнеме цели разговори од тие сегменти, па до дознаеме дека случајот со Мартин Нешковски не е баш таква бомбата каква што сме ја чуле. Еве господине Ангелов кажете до каде е денеска Смилковско езеро, со Младенов и со сите случаи кои во тој период беа злоупотребувани за манипулација токму од тој кој ви гарантирал вас за автентичност за разговорите, еве денес ја гледаме автентичноста, колку е променета состојбата во Смислковско езеро, нула, кажа Илиевски