Илјадници Аргентинци маршираа на плажите на градот Мар дел Плата во знак на протест против проектот за истражување на нафта во близина на атлантскиот брег.
Носејќи плакати на кои пишуваше „Нафтата е смрт“, „Море без танкери за нафта“ и „Не за загадувањето“, демонстрантите маршираа под звукот на тапаните и придружени со изведби на класични танчери.
Групата се спротивстави на неодамнешната одлука на левоцентристичката влада на претседателот Алберто Фернандез да се дозволат сеизмички истражувања на норвешката нафтена компанија „Equinor“, аргентинската државна компанија „YPF“ и англо-холандската „Шел“.
Работите ќе се изведуваат во офшор зоните на Аргентинско Море, на околу 300 километри од плажите, што привлекуваат милиони туристи.
-Овие истражувања ги убиваат морските животни, изјави организаторот на протестот Џулиет, која одби да го каже своето презиме, пренесуваат француските медиуми.
Во случај на несреќа, истекувањето на нафтата може да стигне до соседен Уругвај, додаде таа.
Сурферот и спасител Хуан Мануел Балестеро изјави дека е против истражувањата поради „катастрофалните податоци од излевањата на нафта во Бразил и Мексико“.
Протестни собири се одржаа и во други аргентински крајбрежни градови.
Аргентина има огромни резерви на нафта и гас од шкрилци, вклучувајќи го и второто по големина во светот наоѓалиште за гас од шкрилци, за кое владата се надева дека ќе го поттикне економскиот раст додека се бори да се опорави од пандемијата.