Македонскиот пејач и музичар Владо Јаневски почина вечерва по кратко боледување на една од скопските клиники, јавува Канал 5. Владо Јаневски беше на 66 годишна возраст.
Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје. Во кариерата има издадено шест студиски албуми и голем број песни, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Има завршено Филолошки факултет, отсек англиски јазик и литература. Членувал во музичките групи „Тост сендвич“ во 1979 година, „Бон Тон“ во 1986 година, „Фотомодел“ во 1989 година и „Ластовица“ во 1992 година. Свирел клавир, гитара и тапани.
Настапувал на домашни и странски фестивали, а во 1998 година беше првиот официјален претставник на Република Македонија на Изборот за песна на Евровизија, со песната „Не зори зоро“ во Бирмингем.
Учествувал и на Југовизија во Белград во 1992 година, а имал ревијални настапи на „Славјански базар“ во Белорусија во 1994, 1995 и 1996 година, на фестивалот во Кавен, Ирска, во 1994 година, во Памуккале, Турција, во 1994, 1995 и 1996 година, во Каиро, Египет, во 1998 и 1999 година, како и на многу други реномирани фестивали.
Во неговата дискографија се албумите „Парче душа“ од 1993 година, издаден за „Моби Арт“, „Сè најдобро“ и „Далеку е небото“ од 1996 година, издадени за „Мистер Компани“, „Има нешто посилно од сè“ од 2002 година за „Авалон“, „Ваков или таков“ од 2004 година за „Авалон“ и „Повторно се заљубувам во тебе“ од 2006 година за „Аворд Ентертејнмент“.
Слава му.
