Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 66-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники, објавија повеќе медиуми.
Според неофицијални информации, Јаневски починал денеска во една од приватните клиники во Скопје, каде што се лекувал од карцином на белите дробови.
Јаневски важеше за едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика. Во повеќедецениската кариера создаде голем број песни кои оставија силен печат на домашната музичка сцена, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Освен како пејач, бил и инструменталист, а свирел клавир, гитара и тапани.
Во 1998 година Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија. На сцената во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.
Настапувал на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои Југовизија во Белград, „Славјански базар“ во Белорусија, како и фестивали во Турција, Ирска и Египет.
Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ од 1993 година, „Сѐ најдобро“ и „Далеку е небото“ од 1996 година, „Има нешто посилно од сѐ“ од 2002 година, „Ваков или таков“ од 2004 година и „Повторно се заљубувам во тебе“ од 2006 година.
Со неговата смрт, македонската музичка сцена остана без еден од своите најпрепознатливи автори и изведувачи, чии песни повеќе од три децении се дел од домашната музичка ризница.
Извор: News24live
