Преработувачката индустрија како главен двигател на растот

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека индустриското производство во 2026 година бележи раст од 7,6 проценти во однос на 2025 година, додека вкупната економска активност останува во позитивна зона со раст од 0,2 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика.

„Ова е резултатот на економските политики на Владата, насочени кон конкретна и реална поддршка на домашните компании“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека преку владините мерки се поттикнува производството, расте индустрискиот промет и се отвораат нови работни места.

„Преку оваа поддршка расте производството, се зголемува индустрискиот промет, се поттикнува економската активност и континуирано се отвораат нови работни места ширум земјата“, стои во соопштението.

Како најзначаен двигател на растот се посочува преработувачката индустрија.

„Носител на овој раст е преработувачката индустрија, секторот кој создава најголема додадена вредност и претставува главен двигател на економскиот развој и на извозот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се истакнува дека клучна мерка е кредитната линија од 230 милиони евра, која веќе се користи за инвестиции и проширување на капацитетите.

„Овие средства веќе се во нови инвестиции, нова опрема, поголемо производство и проширени капацитети кај домашните претпријатија“, се додава.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ќе продолжат со поддршка на домашната економија со цел повисок животен стандард и посилна економија.