Потрошувачките цени во Германија во октомври биле за 4,5 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година, потврди Дестатис. Ова е највисоката стапка на инфлација од август 1993 година, кога изнесуваше 4,6 отсто, пренесува Хина.
Во септември годинава цените пораснале за 4,1 отсто на годишно ниво. Инфлацијата во еврозоната е повисока од четири отсто и на највисоко ниво од големата финансиска криза во 2008 година. Дестатис, исто така издвојува ниска споредбена стапка во втората половина на 2020 година, кога владата привремено ја намали стапката на ДДВ за поддршка на трошењето во пандемиската криза и проблемите со набавките. Инфлацијата во САД во октомври се искачи на највисокото ниво во последните 30 години, пишува CNBC.

Индексот на потрошувачките цени, кој опфаќа широк спектар на производи и услуги – од цените на горивата и здравствените услуги до намирниците и кириите, порасна за 6,2 отсто на годишно ниво. На месечно ниво, индексот на ИПК е повисок за 0,9 отсто. Загрижувачки што бројките се повисоки од очекуваните, така од Dow Jones очекуваа годишен раст од 5,9 отсто, а месечен раст од 0,6 отсто. Без нестабилните цени на храната и енергијата, во октомври цените се зголемија за 0,6 отсто, додека се очекуваше раст од 0,4 отсто.

Сепак, на годишно ниво, ова е раст од 4,6 отсто, што е повисоко од проектираните 4 отсто и е највисок од ноември 1990 година. Овие податоци доаѓаат во време кога шефот на ФЕД Џером Пауел и секретарот за финансии Џенет Јелен инсистираат дека сегашниот пораст на цената е привремен и поврзан со епидемијата на коронавирус. Исто така, и покрај тоа што инфлациските притисоци се поинтензивни од очекуваното, двајцата очекуваат состојбата да се нормализира во текот на следната година.