Иницијатива за поголемо претставување и пристап до услуги

Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ достави официјално барање до парламентарната комисија за административно-територијална реформа во Тирана, со кое се предлага формирање на две нови општини – Голо Брдо и Гора.

„Ова барање претставува сериозен чекор кон институционално признавање на реалните потреби на населението во овие подрачја и гарантирање на нивните уставно загарантирани права“, вели претседателката Елена Симонофски.

Според неа, иницијативата има за цел создавање на Општина Голо Брдо и Општина Гора, обезбедување правично претставување на заедниците, подобрување на пристапот до јавни услуги и поттикнување рамномерен локален развој.

„Ова не е само административно прашање – ова е прашање на еднаквост, достоинство и идентитет. Голо Брдо и Гора со децении се соочуваат со институционална запоставеност, слаб пристап до услуги и недоволно локално претставување“, нагласува таа.

Повик за исправување на долгогодишна состојба

Во барањето се посочува дека формирањето на општините значи „глас за народот, развој за регионот и почитување на европските стандарди“.

„Време е институциите во Албанија да покажат дека принципите на еднаквост и недискриминација важат за сите. Време е Голо Брдо и Гора да го добијат она што одамна го заслужуваат. Ова барање не е политичка формалност – ова е историска можност за исправување на долгогодишна неправда“, посочува Симонофски.

Во Албанија е во тек подготовка на нов закон за територијална поделба. До 2017 година постоеја 373 општини, по што нивниот број беше намален на 61. Единствена македонска општина остана Пустец, додека општините во Голо Брдо и Гора беа укинати и денес се дел од други административни единици.