Надлежните државни институции се целосно подготвени за навремен почеток на откупот на тутунот од овогодишната реколта и за спроведување на детален инспекциски надзор на целата постапка. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на работната средба со откупувачите, преработувачите и претставниците на Сојузот на тутунски здруженија што се одржа во просториите на Тутунскиот комбинат во Прилеп.
„Тутунот е стратешка култура за македонското земјоделство, а неговиот откуп е еден од законски најрегулираните процеси. За оваа реколта очекуваме просечната откупна цена да надмине 420 денари за килограм“, истакна Серафимовски.
Присутните откупувачи на средбата потврдија дека се технички и организирано подготвени непречено да го започнат откупот на овогодишниот род, кој се проценува на количина од 26 до 27 милиони килограми. Серафимовски најави дека тутунарите, покрај редовниот приход остварен од продажбата, може да очекуваат и директна државна финансиска поддршка од 80 денари по килограм за тутун од прва класа, 70 денари за втора класа и 60 денари за тутун од трета класа.
„Државниот инспекторат за земјоделство е подготвен со инспекциски надзор да ги опфати сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани компании-откупувачи на тутун“, порача директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.
