Самитот на лидерите од Берлинскиот процес се одржа во Свети Стефан, Црна Гора, каде што главниот фокус беше ставен врз забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разгледани клучните чекори за приближување на регионот кон Европската Унија.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати децидна порака, нагласувајќи дека полноправната интеграција на балканските земји повеќе не претставува само прашање на реторика, туку врвен стратешки приоритет.

Западен Балкан не смее да стане место каде што големите сили се борат за влијание. Во наш заеднички интерес е патот на државите од регионот неповратно да води кон Европската Унија. ЕУ мора да расте ако сака да го потврди својот суверенитет и да биде препознаена како јасен фактор на моќ во светот.

Тој потенцираше дека од државите во регионот се очекува спроведување на решителни реформи, пред сè во областа на владеењето на правото, што се наведува како клучен предуслов за германските и европските компании кои инвестираат и отвораат нови работни места на овие простори.

За време на самитот беше упатена и силна порака од австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој истакна дека билатералните спорови под никакви услови не смеат да се користат како пречка во процесот на проширување на Европската Унија.

Домаќинот на самитот, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, изрази став дека Берлинскиот процес успешно докажал оти регионот е способен да изнајде заеднички решенија и покрај постоечките разлики. Црна Гора, која во текот на годината беше домаќин на 26 различни настани во рамките на овој процес, си постави јасна цел за затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година и зачленување во ЕУ до 2028 година, при што претседавањето со процесот понатаму го презема Австрија.