Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упати честитки до Румен Радев и до партијата „Прогресивна Бугарија“ за изборниот резултат на парламентарните избори во Бугарија.

Од партијата изразија очекување новата влада да придонесе за зајакнување на демократските процеси, владеењето на правото и почитувањето на европските стандарди, вклучително и Копенхашките критериуми.

ЗНАМ нагласува дека очекува отворање простор за конструктивен дијалог меѓу двете земји, со цел надминување на отворените прашања.

„Остануваме посветени на заштита и унапредување на правата на македонското малцинство во Бугарија, како и на целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство“, соопшти партијата.

Воедно, ЗНАМ го повторува ставот дека уставни измени за внесување на бугарската заедница нема да бидат прифатени без јасни и недвосмислени гаранции дека тоа ќе биде последно условување во процесот на европска интеграција.

Партијата изразува уверување дека со политичка зрелост и взаемна почит може да се создаде нова клима на доверба, која ќе придонесе за подобрување на билатералните односи и стабилноста во регионот.

Според ЗНАМ, дијалогот и принципиелниот пристап се единствениот одржлив пат кон европска перспектива во која Македонија ќе биде третирана со достоинство и рамноправност.