Бремена затвореничка успеала да избега од полициско обезбедување во американската сојузна држава Ново Мексико, откако го презела управувањето со службено возило во кое ја превезувале назад во затворот. Несекојдневниот инцидент се случил во градот Албакерки, токму во моментот кога тимот задолжен за нејзиниот транспорт застанал во ресторан за брза храна со цел да купи оброк.
Станува збор за 26-годишната Ребека Тејлор, која била превезувана заедно со уште една затвореничка од поправната установа „Western New Mexico Correctional Facility“ во градот Грантс, каде што издржувала затворска казна. Двете осудени жени претходно биле спроведени во Албакерки на специјалистички лекарски прегледи поврзани со бременоста.
Според официјалните информации од Одделот за поправни установи на Ново Мексико, транспортниот тим бил составен од тројца службеници. Околу 11:35 часот, додека се враќале назад кон затворот, службениците застанале во ресторан „Whataburger“ на улицата 98 во Албакерки.
За време на направената пауза, Тејлор го откопчала безбедносниот појас, вешто се префрлила на возачкото седиште и со голема брзина заминала со службеното возило од марката „Dodge Journey“. Поради фактот што била бремена, за време на транспортот врз неа не биле применети мерки на врзување со лисици. Од надлежниот оддел потврдија дека во моментот на бегството еден од службениците стоел покрај возилото, но ниеден не се наоѓал внатре.
Другата затвореничка, која во тие моменти исто така се наоѓала во автомобилот, успеала навреме да излезе и веднаш повторно била ставена под контрола на надлежните служби.
Украденото службено возило било лоцирано и пронајдено околу 12:30 часот во југозападниот дел на Албакерки со помош на вградениот систем за следење преку GPS. Тејлор не била затекната во автомобилот, но нешто подоцна бил пронајден и службениот мобилен телефон што го користел транспортниот тим, кој совесни граѓани го предале на државната полиција.
Потрагата по бегалката продолжи со координирано вклучување на повеќе безбедносни структури, меѓу кои државната полиција на Ново Мексико, полицијата на Албакерки, шерифската служба на округот Берналиљо и американската служба на федералните маршали.
Истражителите детално проверуваат повеќе дојави и потенцијални правци на нејзиното движење, вклучително и линиите на јавниот автобуски и железнички сообраќај. Според оперативните сознанија на надлежните, Тејлор има контакти во областа на Албакерки, но и со сојузната држава Тексас, каде што е нејзиното првично потекло.
Веднаш по бегството, сите затвори на територијата на Ново Мексико превентивно биле ставени во режим на целосна безбедносна изолација. Ваквите ограничувања во останатите установи подоцна беа укинати, но затворот „Western New Mexico Correctional Facility“ продолжи да функционира под строг режим на ограничено движење и без право на посети.
Тејлор издржувала казна за повеќе извршени кривични дела поврзани со тешки кражби и провали, информираа од Одделот за поправни установи. Надлежните апелираа и ги предупредија граѓаните да не прават обиди сами да ја запрат или да ѝ се доближуваат доколку ја забележат, туку веднаш да ги контактираат полициските служби.
