Два брода под индиско знаме биле нападнати додека се обидувале да поминат низ Ормускиот теснец, потврди индиското Министерство за надворешни работи.
Инцидентот доаѓа откако Техеран објави дека ја повлекува одлуката за повторно отворање на теснецот, поради континуираната блокада на иранските пристаништа од страна на САД.
Според извори од бродската индустрија, бродовите што се обидувале да поминат добиле радио порака од иранската морнарица дека премин не е дозволен, а два од нив пријавиле дека биле погодени од огнено оружје.
– Инцидентите се случиле во водите меѓу островите Кешм и Ларк. Бродовите се вратија – велат изворите.
Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (UKMTO) соопшти дека добила извештај за инцидент на 20 наутички милји североисточно од Оман.
Капетанот на индиски танкер изјавил дека два мали воени брода на Иранската револуционерна гарда му се приближиле и отвориле оган врз бродот, но дека танкерот и екипажот се безбедни.
– Контејнерски брод, исто така, беше погоден од огнено оружје – изјавил извор од поморската безбедност.
Дел од бродовите пријавиле и дека иранската морнарица емитувала VHF порака со која се прогласува повторно затворање на теснецот.
„Внимание сите бродови, поради неуспехот на американската влада да ги исполни своите обврски во преговорите, Иран го прогласува Ормускиот теснец повторно целосно затворен. На ниту еден брод, од кој било тип или националност, не му е дозволено да помине“, се наведува во пораката.
По инцидентот, амбасадорот на Иран во Њу Делхи, Мохамад Фатали, бил повикан на разговор со индискиот заменик-министер за надворешни работи Викрам Мисри.
Индија соопшти дека изразила „длабока загриженост“ поради нападите и побарала од иранските власти што е можно побрзо да дозволат безбеден премин на бродовите што пловат кон Индија.
