На социјалните мрежи во Иран денеска се шират видео снимки на кои се гледа како гори родната куќа на основачот на Исламската Република, покојниот ајатолах Рухолах Хомеини. Ирански активисти тврдат дека куќата е запалена од демонстрантите, додека британските медиуми ја потврдуваат локацијата на двете видеа користејќи карактеристични агли и згради што одговараат на нивните фото датотеки.
Полуофицијалната иранска агенција Тасним, меѓутоа, негираше дека куќата на Хомеини е запалена, додавајќи дека пред неа се собрале мал број луѓе.
На видеата на социјалните мрежи може да се видат десетици луѓе како скандираат, а зградата гори.
Британските медиуми не можат независно да потврдат кога се создадени видеата. Активистичката мрежа 1500Tasvir соопшти дека инцидентот се случил вчеравечер во родниот град на Хомеини, јужно од главниот град Техеран.
Неговиот дом во меѓувреме беше претворен во музеј.
„Извештајот е лажен“, соопшти агенцијата Тасним. „Вратите на куќата на починатиот основач на големата револуција се отворени за јавноста“, се додава оттаму.
Хомеини почина во 1989 година.
Неговиот наследник, ајатолахот Али Хамнеи, е под силен притисок од националните протести кои повикуваат на негова смрт, а беа поттикнати од смртта на младата Махса Амини, на 16 септември, во притворот на иранската морална полиција.