Кинескиот производител на електрични возила BYD повлекува 183.211 автомобили од сериите „Qin“ и „Tang“ поради потенцијален безбедносен проблем со компонента на педалата за сопирање. Повлекувањето опфаќа возила произведени од 2014 до 2022 година.
Дефектот е откриен кај граничникот, односно стоперот на педалата за сопирање, кој може да пукне. Во таков случај, стоп-светлата би можеле да останат вклучени и кога возачот не ја притиска сопирачката.
Кинескиот регулатор предупредува дека постојано вклучените стоп-светла може да им испратат погрешен сигнал на возачите што се движат зад возилото. Тие би можеле да помислат дека автомобилот пред нив забавува или сопира, поради што дефектот претставува потенцијален ризик за безбедноста во сообраќајот.
Од BYD нагласуваат дека проблемот не е поврзан со погонската батерија на возилата.
Сопствениците нема да имаат трошоци за отстранување на дефектот. Компанијата соопшти дека овластените дилери бесплатно ќе ја заменат проблематичната компонента со подобрен дел, со што треба да биде отстранет безбедносниот ризик.
BYD issued a recall for more than 183,200 vehicles in China over brake-pedal safety risks, the country’s market regulator said https://t.co/Q4aHZR09hm
— Bloomberg (@business) September 18, 2026
