Соединетите Американски Држави планираат голема набавка на калиумова сол од Белорусија, најави американскиот претседател Доналд Трамп. Потегот доаѓа во период на подобрување на односите меѓу Вашингтон и Минск, и покрај блиските врски на Белорусија со Москва и нејзината поддршка за руската агресија врз Украина.

Трамп на социјалните мрежи објави дека калиумовата сол од Белорусија ќе биде „значително поевтина“ од производот што САД во моментов го набавуваат од Канада.

Станува збор за минерал богат со калиум, кој главно се употребува во производството на ѓубрива. Тој го поттикнува растот на земјоделските култури и придонесува за зголемување на приносите.

Канадските производители во моментов задоволуваат најголем дел од потребите на американските земјоделци, додека Белорусија е меѓу водечките светски производители на калиумова сол. Европската Унија, сепак, го забранува увозот на овој производ од Белорусија и го има замрзнато имотот на државната компанија „Беларускали“.

Најавениот договор е последен во низата чекори за подобрување на односите меѓу САД и Белорусија. Преговорите предводени од американскиот претставник Џон Коул резултираа со одлука на белорускиот претседател Александар Лукашенко да помилува стотици политички затвореници.

Вашингтон, од друга страна, ги ублажи санкциите кон повеќе белоруски компании, вклучувајќи и фирми од индустријата за производство на ѓубрива.

Белорусија и натаму е близок сојузник на Русија. Минск во 2022 година ѝ дозволи на Москва да ја користи белоруската територија како појдовна точка за инвазијата врз Украина, а неодамна одобри и одржување заеднички нуклеарни вежби.