Полемиката околу владеењето на правото повторно се отвори по изјавата на Арбер Адеми, која предизвика реакција од движењето ВРЕДИ. Од таму оценија дека е „иронично“ токму Демократската унија за интеграција да говори за европски стандарди, обвинувајќи ја партијата дека со години ја блокирала реформата во правосудниот сектор.

Според соопштението од ВРЕДИ, изјавата на Адеми за „неуспехот во владеењето на правото“ го открива, како што велат, „целосното отсуство на ДУИ од реалноста“.

„Партијата што го уништи владеењето на правото, денес држи предавања за ЕУ? Иронијата има име: ДУИ! Денешната изјава на Арбeр Адеми за ‘неуспехот во владеењето на правото’ јасно ја покажува исклученоста на ДУИ од реалноста. Неверојатно е да се слушне партија, чие половина раководство е на црната листа за корупција, да зборува о европски стандарди кога ДУИ е главната причина зошто со години земјата не напредувала ниту еден чекор во основните обврски од Кластерот I“, велат од ВРЕДИ.

Во реакцијата дополнително се наведува дека токму драматичниот пад на владеењето на правото бил еден од најтежок товар што, според нив, ДУИ му го оставила на државниот систем.

„ДУИ, која 20 години го претвори заробувањето на државата во уметничка форма, денес се преправа дека е моралист и тврди дека го брани владеењето на правото. Но, граѓаните ги знаат фактите: Судството беше претворено во подружница на ДУИ. Одлуките не беа донесени во судовите, туку во партиските ходници. Промените во Кривичниот законик беа донесени за амнестија на корумпираните. А денес зборуваат за владеењето на правото? Владеењето на правото е токму областа каде што ДУИ остави најдлабоки траги, а тоа не го кажува политиката, туку самата Европска Унија,“ се наведува во соопштението.

Од ВРЕДИ додаваат дека нивната позиција е јасна: потребни се стабилно финансирање, вистинска независност на судството и механизми за одговорност кои ќе гарантираат дека правдата ќе им служи исклучиво на граѓаните.