Водителката на познатото кулинарско шоу „Брза кујна“, Сања Савеска, отворено разговараше во најновото издание на поткастот „Ништо лично“ со водителот Антонио Димитриевски. За време на гостувањето, таа сподели низа досега непознати поединости поврзани со нејзиниот професионален и приватен живот.

Савеска професионално влегла во медиумскиот свет уште во детството, започнувајќи со ангажмани во радио, учество во синхронизација на цртани филмови во телевизијата А1, како и уредничка работа во утрински телевизиски програми. Подоцна работела и како новинарка во информативната редакција на ТВ 24, пред да го преземе водењето на популарниот кулинарски формат.

Улогата на водителка во „Брза кујна“ ѝ донесе широка популарност и препознатливост кај домашната публика. Во разговорот таа детаљно се осврна на динамиката зад камерите, релациите со шефовите во кујната, честите промени во телевизиската екипа, односот со поканетите гости и креирањето на рецептите.

Во рамки на интервјуто беа отворени и лични теми поврзани со љубовниот живот, семејните односи, животните искушенија, како и нејзината голема блискост со покојниот актер Димче Мешковски. Таа искрено објасни зошто во моментов избира да биде слободна наместо во врска, како гледа на додворувачите и дали чувствува подготвеност за стапување во брак.