Германскиот синдикат „Верди“ повика на штрајкови на 11 локации на „Амазон“ во Германија, кои временски ќе се совпаднат со овогодишната распродажба на „Црн петок“, соопшти синдикалната организација.

Главната цел на синдикатот е да го принуди американскиот малопродажен гигант да склучи правно обврзувачки колективни договори за своите вработени.

„И покрај масовното заплашување, вработените во „Амазон“ штрајкуваат за признавање на колективните договори за малопродажниот сектор и за колективен договор за добра и здрава работа“, изјави Силке Цимер, членка на националниот извршен одбор на „Верди“, одговорна за малопродажба.

Според податоците објавени од синдикатот, опфатените германски локации се наоѓаат во Лајпциг, Бад Херсфелд, Дортмунд, Верне, Рајнберг, Менхенгладбах, Франкентал, Гера, Грабен, Кобленц и Ахим.

Од синдикатот посочуваат дека платите во американската компанија често не се доволни за достоинствен живот и оти физичкиот напор во магацините претставува сериозен товар за работниците.

Според нивните наводи, секојдневната работа подразбира монотони работни процеси во дистрибутивните центри, манипулација со тежок товар и спроведување агресивна корпоративна стратегија за следење на секој чекор на работното место.

Претставниците на работниците дополнително наведуваат дека работодавачот користи напредни дигитални следачи за непрекинат надзор на приближно 40.000 вработени во работните простории.

Според информациите од „Верди“, штрајкот организиран во Германија претставува дел од поширокиот светски ден на синдикална акција, предводен од меѓународната федерација „УНИ Глобал“ под слоганот „Натерајте го Амазон да плати“.

Во својот официјален одговор на овие најави, раководството на „Амазон“ целосно ги отфрли обвинувањата на синдикатот и категорично негираше користење на дигитални следачи.

„Користиме систем за управување со резерви, како што е вообичаено во индустријата. Благодарение на многу добрите процеси и однапред осмисленото планирање, нашите вработени имаат обем на работа со кој може да се управува“, изјави портпаролот на компанијата.

Тој исто така посочи дека компанијата редовно ги зголемува платите на годишно ниво и дека моменталната просечна почетна плата изнесува 16,66 евра, односно 18,26 долари на час, додавајќи дека повеќе од половина од кадарот работи во компанијата подолго од пет години.

Закононски утврдената минимална плата во Германија во овој момент изнесува 13,90 евра на час, додека за следната година е предвидено нејзино зголемување на 14,60 евра.