Бред Пит и Анџелина Џоли постигнаа вонсудска спогодба за францускиот имот „Шато Миравал“, кој го купија заедно и каде што се венчаа во 2014 година. Во заедничко соопштение поранешните сопружници потврдија дека спорот е завршен, но решија да не ги откриваат условите од договорот.

Со ова се става точка на една од најдолгите правни битки меѓу поранешниот холивудски пар. По четири години судски постапки, актерите се договориле спорот да го решат надвор од судските простории.

„Постигнавме вонсудска спогодба во најдобар интерес на нашето семејство и нема да коментираме понатаму“, соопштија нивните претставници.

Претставниците на парот дополнително истакнаа дека коментарите во медиумите што им се припишуваат на неименувани извори не доаѓаат ниту од нив, ниту од луѓе кои се блиски до семејството.

Иако не е откриено што точно ги натерало да се договорат по толку години судски битки, спогодбата доаѓа по финализирањето на нивниот развод во 2024 година и во период кога сите шест деца на поранешните сопружници веќе се полнолетни. Во официјалното соопштение тие не наведоа дополнителни детали, а финансиските одредби на договорот остануваат доверливи.

Судскиот конфликт започна во 2022 година, кога Пит ја тужеше Џоли поради продажбата на нејзиниот удел во познатата винарија „Шато Миравал“. Двојката го купи имотот во Прованса во 2008 година, а таму стапија во брак во 2014 година. Пит тврдеше дека постоел меѓусебен договор ниту еден од нив да не го продава својот дел без претходна согласност на другиот, додека Џоли го продаде својот удел на групацијата „Столи“, поврзана со рускиот милијардер Јури Шефлер.

Џоли возврати со противтужба, истакнувајќи дека таков договор никогаш не постоел. Таа наведе дека преговорите за продажба на нејзиниот удел директно на Пит пропаднале затоа што тој барал потпишување на строг договор за доверливост, кој, според нејзините адвокати, би ѝ забранил да зборува за наводното физичко и емоционално насилство врз неа и врз децата. Пит ги отфрли и негираше сите овие обвинувања.

Правниот спор околу винаријата во јавноста ги врати и деталите за инцидентот во приватниот авион од 2016 година, по кој Џоли поднесе барање за развод. Таа тврдеше дека Пит бил насилен за време на летот од Франција кон САД. Федералното биро за истраги (ФБИ) го истражуваше случајот, но американското обвинителство реши да не покренува кривична постапка.

„Шато Миравал“ претставува реномирана винарија во Прованса која произведува познато розе-вино и се протега на имот од околу 500 хектари. За Пит овој имот не претставувал само обичен бизнис, туку и личен проект во кој вложил многу време и финансии. По продажбата на уделот од страна на Џоли, тој тврдеше дека го загубил контролниот удел и дека новиот партнер го нарушил целосниот приватен карактер на имотот.

Иако спогодбата го затвора меѓусебниот конфликт меѓу Пит и Џоли, правниот спор околу имотот не е целосно финализиран. Пит продолжува со одделна судска тужба против Шефлер и групацијата „Столи“, обвинувајќи ги за обид за непријателско преземање на бизнисот.

Пит и Џоли се разделија во 2016 година, а бракоразводната постапка беше официјално финализирана во декември 2024 година по осум години правни постапки. Со договорот за „Шато Миравал“ се затвора значајно поглавје од нивната разделба, иако останува отворено прашањето како ова ќе влијае врз нивната понатамошна комуникација.