Наодите од извештајот на американскиот Стејт департмент за Мерко, не се под лупа на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Шефот на оваа институција, Ислам Абази, прашан дали Обвинителството со кое раководи ќе преземе чекори во однос на американските наоди, кратко ни кажа дека неговата институција „нема надлежност да ја коментира одлуката на Американскиот стејт департмент“, пишува Алсат.

За да дознаеме дали против Мерко имало некаков судски предмет, Абази нè упати да се обратиме кај лицето овластено за односи со јавноста.

Во меѓувреме, од Судскиот совет информираа дека формирале комисија која ќе спроведе контрола во Основниот суд Струга врз основа на наодите од Стејт департментот.

А, Ковачевски е зачуден како САД, кои се оддалечени илјадници километри, успеале да најдат законски прекршоци, а нашите институции седеле со скрстени раце.

Во март годинава, по препорака на Комисијата за борба против корупцијата, Обвинителството за организиран криминал требаше да го гони началникот на СВР Струга, но оттаму тврдеа дека ниту еден од доказите на кои се повикувала Антикорупциската комисија не содржел елементи за кривично гонење. Меѓу доказите беше и конечниот извештај на Државниот овластен ревизор за основната буџетска сметка на Општина Струга за 2018 година, во кој е констатирана нетранспарентност со јавните набавки.