Владата очекува Европската комисија да го препознае напредокот на државата во исполнувањето на обврските од Реформската агенда. Преку Планот за раст за Западен Балкан се очекува на располагање да бидат ставени дополнителни 75 милиони евра, а наскоро граѓаните би требало да ги користат телекомуникациските услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг.
При пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел беше посочено дека се исполнуваат обврските што произлегуваат од Реформската агенда, но дека билатералните прашања не претставуваат дел од тие обврски.
„Ние континуирано зборуваме дека испорачуваме, испорачуваме тоа што се бара од нас, а е дел од Реформската агенда. Ние не испорачуваме билатерални прашања, но сè што се однесува на системот заснован на заслуги го испорачуваме. Јас тоа го зборувам цело време. Денеска очекувам дека сето тоа ќе биде препознаено од Европската комисија“, рече Мицкоски.
Во однос на најавата за дополнителни десет проценти од средствата од Планот за раст, појаснето е дека станува збор за распределба над постојните 750 милиони евра.
„Ова што го споменувате, за тој дополнителен дел или таканаречен „top-up“ од сегашните 750 милиони, дополнително уште 10 проценти, односно 75 милиони евра ќе бидат ставени на располагање. Се разбира, ќе имаме дополнителни чекори што ќе треба да ги завршиме до крајот на овој проект“, рече Мицкоски.
Како исклучително значајно прашање за граѓаните беше посочено и приклучувањето кон европскиот модел „Roam Like at Home“, кој овозможува користење на услугите во земјите од ЕУ по домашни тарифи, без дополнителни давачки за роаминг.
Формалниот технички дел од овој процес веќе е завршен, со што земјата стана прва што го стори тоа. Во текот на оваа и следната недела техничките обврски треба да ги финализираат и Црна Гора, Албанија и Србија.
Во врска со ставот за билатералните прашања беше нагласено дека нема никаква промена во владината позиција и дека нема да има додека актуелниот премиер ја извршува функцијата.
Околу уставните измени и приближувањето на ставовите со Европската Унија, подготвеноста за дијалог останува присутна, но главен фокус мора да биде договорот за Акцискиот план за малцинствата.
Дури и хипотетички да бидат направени уставните измени, што беше повторено дека нема да се случи, на маса повторно останува отворено прашањето за Акцискиот план.
„Ние сме подготвени да разговараме. Ние прво треба да разговараме за Акцискиот план. Тоа сум го кажувал многу пати во минатото и ќе го повторам и денес. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но хипотетички, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинства“, рече Мицкоски.
За ова прашање Владата веќе има доставено соодветен предлог и се очекува начелно усогласување пред отворање на други теми.
„Мислам дека е суштински важно најпрвин да зборуваме за Акцискиот план за малцинства. Ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против, па дури потоа да видиме дали има простор да разговараме за што било друго“, истакна Мицкоски.
Во рамките на поширокиот контекст на проширувањето, очекувањата се насочени кон дебати за буџетот за земјите кандидатки и можните измени во европскиот пристап кон регионот.
„Во последно време слушате пораки од ЕУ, но исто така би сакале да видиме и да слушнеме нешто и за Западен Балкан. Не би сакал однапред да најавувам ништо. Ќе видиме и ќе разговараме повеќе за проширувањето на ЕУ и за буџетот наменет за земјите кандидатки. Се разбира, буџетот за земјите членки е од исклучително значење, но исто така очекуваме и одредени промени во пристапот кон Западен Балкан“, рече Мицкоски.
На прашањето за геополитичката состојба и значењето на регионалната интеграција, упатена е порака дека регионот претставува неодвоив дел од европскиот континент.
„Западен Балкан е врата на Европа и е дел од Европа. Ве молам не го потценувајте потенцијалот на Западен Балкан. Ние ѝ припаѓаме на Европа. Нашите граѓани се навистина фрустрирани поради тоа што предолго чекаат во нејзиниот двор. Конечно, сакаме да го заслужиме своето место на заедничката маса, врз основа на пристапот заснован на заслуги“, рече Мицкоски.
Лидерите на Европската Унија и на регионот одржуваат Самит во Брисел насочен кон реформите, европската перспектива и јакнењето на безбедносната и политичката соработка во сложени меѓународни околности.
Самитот е организиран од страна на Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен, а на состаноците учествува и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Оваа средба претставува можност Унијата да ја потврди посветеноста кон членството на регионот, при што се дискутира за напредокот во интеграцијата, единствениот пазар, Планот за раст, добрососедските односи и регионалното помирување.
Кошта пред почетокот на средбата изјави дека иднината на регионот лежи во Унијата и оцени дека пристапувањето претставува геополитичка инвестиција.
Заедничката прес-конференција на водечките претставници на ЕУ е предвидена по завршувањето на пленарната седница, по што ќе следи работна вечера.
