Истепаната жена од ТикТок не сака да го гони насилникот

Жената која е жртва на насилство прикажано во видео објавено на Тик-ток, во кое се гледа како маж од Радовиш физички ја напаѓа, одбива да поднесе кривична пријава против насилникот.

Таа во разговор со полицијата изјавила дека видеото, кое според неа датира од јули 2024 година, било објавено без нејзина согласност од нејзината мајка. Наместо мажот, таа ја обвинува мајка си и вели дека сака да ѝ го уништи бракот.

(ВИДЕО) Уапсен е насилникот од Радовиш кој на видео во живо ја тепал својата жена

Министерството за внатрешни работи информира дека случајот бил пријавен на 23 март 2025 година (недела) во 08:25 часот од страна на мајката на жртвата.

По пријавата, СВР Струмица веднаш презела мерки. Лицето А.А. (35) од Радовиш истиот ден во 09:20 часот бил лишен од слобода и задржан во полициската станица Радовиш.

Со жртвата бил извршен службен разговор, во присуство на социјален работник од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Радовиш. За време на разговорот таа изјавила дека не сака да поднесе предлог за гонење, поради лични причини.

Жртвата сака да го заштити насилникот, дали случајот ќе се затвори овде?

Иако постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот закон, а согласно став 5 од истиот член, за да се гони делото потребен е предлог од жртвата. Бидејќи таа одбила да го поднесе, постапката продолжила по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш.

(ВИДЕО) Семејно насилство во живо: Маж на ТикТок безмилосно тепа бремена жена во Радовиш – Потреба за итна акција

На 25 март 2025 година, од страна на ОВР Радовиш до обвинителството е поднесена кривична пријава против А.А. Поднесено е поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. Како што информираат од МВР, се преземаат понатамошни дејствија за целосно расчистување на случајот.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се шират и други видеа од истиот насилник кој ја малтретира бремената жена, против истиот веќе има активен судски спор бидејќи претходно малтретирал и друга жена. Останува нејасно за јавноста зошто жртвата сака да го заштити насилникот.