Обвинителството во Драч издаде десетици безбедносни мерки по завршување на истрагата за опасен отпад испратен од пристаништето во Драч, објави Еуроњуз Албанија. Според обвинителството, издадени се 33 налози за апсење, од кои 20 се извршени, а по 13 лица се трага.

Од вкупниот број мерки, 26 се „затворски притвор“, а седум „куќен притвор“. Меѓу осомничените има царински и еколошки службеници, како и бизнисмени поврзани со компанијата „Курум“.

Драчкиот обвинител соопшти дека вештачењето потврдило оти отпадот пронајден на бродот е опасен и токсичен. Осомничените се товарат за кривични дела „шверц на забранета или ограничена стока“, „шверц од страна на вработени поврзани со царинска дејност“, „фалсификување документи“, „транспорт на отпад“, „управување со отпад“, „злоупотреба на службена положба“ и „перење на производи од кривично дело или криминална дејност“.

Станува збор за 2.100 метрички тони сомнителен опасен отпад спакуван во 102 контејнери, кој на 27 октомври 2024 година бил вратен во Албанија преку италијанското пристаниште Џоја Тауро.

На случајот претходно укажала Базелската акциона мрежа (BAN), која по дојава од информатор ги предупредила властите. По предупредувањето, Тајланд одбил увоз, а превозниците Maersk и MSC гарантирале безбедно враќање на контејнерите во пристаништето Драч.

BAN во второ писмо до владата побарала транспарентно земање примероци и тестирање на отпадот, како и доставување посебен примерок до организацијата. Претставници на BAN треба да пристигнат во Драч за да го набљудуваат процесот по пристигнувањето на бродот.