Покрај угостителството, пропусницата наречена „зелен картон“ во Италија, ќе биде задолжителна за пристап до базени, спортски сали, спортски настани, концерти, саеми и културни места, вклучително и музеи, кина и театри. Ноќните клубови не се вклучени во мерката и засега ќе останат затворени, пренесува Еуроњуз.

Оваа пропусница ќе потврди дека нејзиниот корисник примил барем една доза на вакцина, или се опоравил од болеста, или бил тестиран негативен во претходните 48 часа. Таа веќе се бараше за присуство на свадба и при посета на домови за стари лица.

Според премиерот Марио Драги, пропусницата е инструмент што им овозможува на Италијанците да продолжат со своите активности со гаранција дека нема да бидат меѓу заразени луѓе. Тој исто така истакна дека овој документ не е произволна работа, туку услов за да се одржи економската активност отворена.

Усвојувањето на мерката е предмет на тензии во владиното мнозинство, откако лидерот на екстремно десничарската партија Лига, Матео Салвини, предупреди на „драконски, импровизирани и неизмерени избори што ги исклучуваат мнозинството Италијанци од нивното право на работа и слободно да се движат “.

Пропусницата доаѓа откако бројот на случаи со Ковид-19 низ Италија ја надмина границата од 5.000 заболени во четвртокот, за прв пат од 21 мај. Инфекциите сега се зголемуваат веќе четири последователни недели.

-Делта сојот е закана, бидејќи се шири побрзо од другите варијанти, предупреди премиерот Драги

Ги поканувам сите Италијанци да се вакцинираат и тоа да го сторат веднаш, повика тој, истовремено поздравувајќи го фактот дека „повеќе од половина од Италијанците го завршија циклусот на вакцинација“.

Во Франција, десетици илјади луѓе протестираа минатиот викенд пред донесувањето на задолжителна пропусница за одморалишта и културни простории. Демонстрантите ја обвинија владата дека се обидува да ги принуди луѓето да се вакцинираат.