Македонските возачки дозволи во моментов не се признаваат во Италија, иако меѓу двете држави постои договор за нивно меѓусебно признавање и замена. Проблемот ги засега и македонските државјани со постојан престој во Италија, кои повеќе не можат да ја заменат македонската со италијанска дозвола, туку мора повторно да полагаат.

Граѓани кои во изминатите денови се обиделе да изнајмат автомобил во Италија велат дека рентакар-компаниите одбиваат да им издадат возило со македонска дозвола. Според нивните сведоштва, компаниите пред неколку месеци добиле налог да не изнајмуваат автомобили на лица чии возачки дозволи не се издадени во земја членка на Европската Унија. За да изнајмат возило, од македонските граѓани се бара меѓународна возачка дозвола.

Проблемот е потврден и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, каде што се наведува дека Македонија има договор со Италија, но замената на дозволите во моментов не е можна.

„Во моментов во Република Италија не е возможна замена на возачки дозволи со Република Северна Македонија, се работи на решавање на таа состојба.“

Според досегашните информации, причината е техничка некомпатибилност меѓу македонскиот и италијанскиот модел на возачка дозвола. Од македонска страна биле додадени дополнителни категории што не постојат во европскиот образец, поради што италијанските власти побарале склучување нов договор.

Тоа значи дека целата постапка за признавање на македонските возачки дозволи треба да се повтори. Според информациите од Министерството за надворешни работи, во тек се финалните усогласувања на договорот меѓу двете држави, кои треба да бидат завршени од италијанска страна.