Сè поголем број светски брендови одлучуваат целосно да го бојкотираат познатиот шопинг фестивал Црн петок, со цел да го одбранат сопствениот профит и да испратат порака против масовниот конзумеризам. Компаниите сакаат да се истакнат на пазарот и да воспостават врска со купувачите кои одбиваат постојани промотивни попусти во малопродажбата.
Италијанскиот моден бренд Пинко годинава за првпат не нуди промотивни цени, при што челникот на компанијата предупредува на опасноста од создавање маѓепсан круг на постојани попусти.
„Со тоа што не учествуваме на Црниот петок, се обидуваме да отсечеме една мала глава од змеј кој има илјада други“, изјави Пјетро Негра.
Тој упати критика и кон останатите промотивни методи како семејните продажби и затворените попусти за избрани клиенти.
„Ова не е видот на однос што го сакаме со нашите клиенти, ниту пак се овие услови што ќе ја обезбедат иднината на секторот“, порача Негра.
За помалите бизниси попустите значат сериозен удар врз крајниот профит бидејќи купувачите подоцна одбиваат да купуваат по редовни цени. Раководството на Пинко проценува дека неизлегувањето на Црниот петок ќе одземе околу два милиони евра приходи, но профитната маржа останува заштитена.
Произведувачот Бафало Системс од Велика Британија не дава попусти поради ограничениот локален капацитет, додека американската компанија РЕИ комплетно ги затвора вратите за празниците и ги испраќа вработените во природа. Козметичкиот бренд The Ordinary исто така ја стопира продажбата и наместо трговија организира крводарителски акции во Њујорк и Торонто.
Потпретседателката на The Ordinary, Ејми Би, појасни дека импулсивното пазарење создава натрупување производи што не им користат на потрошувачите, па еднодневната пауза е повик за забавување на потрошувачкото темпо. Експертите потврдуваат дека ваквите мерки градат долгорочна доверба кај свесните потрошувачи.
„По пет години постојано висока инфлација, купувачите се сè повеќе скептични кон стратегиите за цени на трговците на мало и помалку веројатно веруваат дека рекламираните попусти навистина претставуваат заштеди. Довербата е сериозно нарушена“, посочи Шика Џаин.
Брендот UpCircle ја користи оваа шопинг сезона да алармира за прекумерното производство преку социјалните мрежи, користејќи интернет фрази за прекумерно создавање отпад и истакнувајќи дека Црниот петок е целосна спротивност на нивната филозофија за одржливост.
