Грчките власти на островот Скопелос уапсиле група италијански државјани осомничени за нелегално вадење и шверцување на црвен корал. Проценетата вредност на запленетиот корал е околу 800.000 евра, а според истрагата, тој бил наменет за италијанскиот пазар.

Случајот го отвори и прашањето за размерите на илегалната трговија со еден од најскапите природни материјали во Медитеранот.

Црвениот корал  со векови се вади од Медитеранот и се користи за изработка на скап накит. Неговата цена зависи од квалитетот, големината и обработката, а според податоците наведени во извештајот на Организацијата за храна и земјоделство , килограм висококвалитетен суров корал може да достигне цена од до 5.000 евра.

Италија има особено важна улога во оваа трговија. Црвениот корал не е растение, туку морско животно кое формира колонии и создава тврд варовнички скелет. Расте исклучително бавно. На зрелите колонии може да им бидат потребни децении, па и до околу еден век, за да се развијат.

Токму бавниот раст, ограничената достапност и високата цена создаваат идеални услови за црн пазар. Според истражување на Earth Journalism Network, само од Алжир во Европа на годишно ниво може да се прошверцуваат до три тони корал, при што Италија е едно од главните одредишта.

Црвениот корал не е само луксузен материјал. Неговата приказна со луѓето трае илјадници години. Корални предмети се пронајдени и на праисториски археолошки локалитети, а во антиката му биле припишувани и заштитни и лековити својства.