Министрите за внатрешни работи и за социјална политика, демографија и млади Панче Тошковски и Ѓоко Велковски и државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска во Јавното обвинителство договориле конкретни мерки за зајакнување на меѓуинституционалната координација и итно постапување во случаите на семејно насилство.
На својот официјален фејсбук-профил, Тошковски соопшти дека секоја пријава мора да биде сфатена сериозно, секоја жртва мора да добие навремена заштита, а секој сторител мора да се соочи со одговорност.
„Договоривме МВР веднаш по приемот на пријава да го известува надлежното обвинителство, по што јавниот обвинител ќе координира тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Ќе се обезбедува итна процена на ризиците, потребните докази и стручни мислења, со цел брзо и ефикасно постапување“, информира Тошковски.
Во сите три институции ќе воспостават и постојано достапни контакт-точки за непосредна комуникација и координација, за да нема непотребни одложувања кога се загрозени нечија безбедност и живот.
„Семејното насилство не е приватна работа. Тоа е сериозен проблем на кој државата мора да одговори одлучно, координирано и без одлагање. Наш приоритет е да ги заштитиме жртвите, да спречиме повторување на насилството и да обезбедиме сторителите навремено да бидат изведени пред лицето на правдата. Ниту една пријава не смее да биде потценета. Ниту една жртва не смее да биде оставена сама“, пишува Тошковски.
