Власта очекува став од СДСМ и ДУИ за предлогот за поштенско гласање
Обид за надминување на несогласувањата околу измените на Изборниот законик ќе има утре во Собранието, каде ќе се одржи нова средба меѓу координаторите и претставниците на пратеничките групи. Во фокусот повторно ќе биде начинот на гласање на дијаспората, како и предлозите што ги изнесоа парламентарните партии.
Од владејачкото мнозинство потврдија за МИА дека од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат СДСМ и ДУИ да се изјаснат за нивниот предлог македонската дијаспора да гласа по пошта.
Според предлогот, целата постапка би се уредила со подзаконски акт што Државната изборна комисија треба да го донесе најдоцна до 30 септември 2028 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека се подготвени да прифатат и една изборна единица.
Левица бара повеќе средства за изборно рекламирање
Во меѓувреме, Левица побарала државното финансирање за изборно рекламирање за партиите со пратенички групи да изнесува 10 проценти, како и одлучувањето во Државната изборна комисија да биде консензуално.
За ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот предлог е неприфатлив.
Во измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои се во собраниска процедура, досега се поднесени околу 13.500 амандмани од СДСМ и Левица.
Најспорно прашање останува гласањето на дијаспората.
СДСМ веднаш го отфрли предлогот за електронско гласање на иселениците, додека Левица оцени дека тој предлог е прифатлив доколку се зголеми процентот на средства за платено политичко рекламирање.
Договорот би го деблокирал целиот процес
Според информациите, учесниците во работната група за Изборниот законик го прифатиле предлогот на ДУИ и Левица распределбата на средствата за изборно рекламирање да се врши според бројот на пратеници.
Предлогот предвидува 97 проценти од средствата да се распределуваат врз основа на бројот на пратеници, а три проценти да бидат наменети за партии што немаат свои претставници во Собранието.
Според предложениот модел, 42 проценти од средствата би им припаднале на двете најголеми партии од власта, уште 42 проценти на двете најголеми партии од опозицијата, осум проценти на партиите со пратенички групи, пет проценти на партиите без пратенички групи и три проценти на вонпарламентарните партии и групите избирачи.
Доколку биде постигнат договор за Изборниот законик, СДСМ и Левица ќе ги повлечат поднесените амандмани, со што би се деблокирала постапката за негово донесување.
Измените на Изборниот законик се последната од десетте точки што земјава треба да ги исполни во рамки на грејс-периодот поврзан со реформските процеси.
Во меѓувреме, за в среда е закажана седница на Уставниот суд, на која ќе се разгледува иницијативата на Левица и Демократи во врска со политичкото рекламирање.
