До 15 јуни да ги избрка Бујар Османи и Артан Груби од Владата и од ДУИ, побарал потпретседателот на партијата Изет Меџити од лидерот на ДУИ Али Ахмети, во спротивно ќе се соочи со независни кандидатури за градоначалници во Сарај, Чаир, Кичево и Тетово, објави порталот на албански јазик „Алмакос“.

Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити Меџити му дал ултиматум и временски рок на претседателот Ахмети итно да ги отстрани првиот вицепремиерт Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи од сите функции во Владата и партијата. Ако не го стори тоа, тогаш ќе се соочи со независни кандидатури за градоначалници во Сарај, Чаир, Кичево и Тетово и ДУИ во таков случај многу тешко дека ќе победи на локалните избори, пишува „Алмакос“, повикувајќи се на свои извори во ДУИ, кои се дел од „групата на потпретседателот Изет Меџити“.

Според порталот, битката на Меџити добила „заканувачка димензија“ бидејќи изминатава недела имало „пораки на дистанца“ меѓу Ахмети и Меџити.

Токму како што вашиот внук Фатмир Лимани ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Кичево, така и Висар Ганиу ќе биде независен кандидат за градоначалник на Чаир, но и во општина Сарај, Блерим Беџети ќе настапи како независен кандидат.

Ова е, наводно, пораката, што му ја пратил Меџити на Ахмети, тврди „Алмакос“. Овој медиум додава дека „за ваквите изјави нема потврда од ниедна страна“, но и оти „изворите во ДУИ велат дека се реални“.