Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари денеска изјави дека воената операција продолжува во дел од најголемата болница во Појасот Газа и дека „терористите“ и експлозивите биле елиминирани пред да влезат.

Контраадмиралот Хагари рече дека армијата продолжува да дејствува „целно“ и во согласност со оперативните потреби во болницата Шифа и дека воената активност се одвива „во одреден комплекс за кој има разузнавачки информации кои укажуваат на терористичка активност.“

„Пред да влезат во болницата, нашите сили наидоа на експлозиви и терористи и избувна конфликт при што беа елиминирани терористите“, рече Хагари, додавајќи дека војниците „испорачале медицинска опрема, инкубатори и храна за бебиња во болницата“.

Според израелските медиуми, „во болницата меѓу другото е пронајдено и оружје, што укажува на присуство на исламска екстремистичка организација“.

Сепак, нема индикации дека заложниците земени од јужен Израел се држат во болница, но ИДФ се надева дека ќе дознае нешто за нив благодарение на операцијата во болницата.

Војската соопшти дека немало судири меѓу војниците, пациентите и медицинскиот персонал во болницата.

Најмалку пет членови на Хамас се убиени пред болницата.

Израелската армија претходно соопшти дека рано утринава влегла во болницата која ја опсадувала во рамките на копнената офанзива против Хамас.