Обилни врнежи го „обоија“ западот и планините

Македонија денеска се разбуди со нова снежна покривка по силните врнежи кои ја зафатија земјата. До 16 часот најмногу врнежи имало во Маврови Анови, 13 литри на метар квадратен, додека на Попова Шапка снежната покривка достигнала 43 сантиметри, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според мерењата, 12 литри на квадратен метар паднале во Охрид, Претор и Крушево, 11 во Пожаране, 10 во Тетово, 7 во Битола и 6 во Попова Шапка. Во Прилеп се измерени 5 литри, а по 4 литри на квадратен метар во Скопје-Зајчев Рид, Струмица и Ѓуриште. Во Гевгелија и Тополчани паднале 3 литри, во Крива Паланка, Виница, Велес, Берово и Кавадарци по 2 литра, додека најмалку врнежи, по 1 литар на метар квадратен, се регистрирани во Штип и Демир Капија.

Највисоката дневна температура денеска е измерена во Демир Капија и Прилеп, 8 степени, додека најниските 2 степени се забележани на Попова Шапка, Маврови Анови и Крушево. Во Тетово снежната покривка достигнала два сантиметра.

Продолжуваат снежните врнежи и засилен северен ветер

УХМР најавува дека попладне и ноќта ќе продолжат врнежите од снег низ целата земја, со посебно пообилни снежни врнежи во западните делови, каде планините ќе добијат дополнителни 20 сантиметри снег. Во останатите места се очекуваат нови 5 до 10 сантиметри снежна покривка.

Освен тоа, ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој ќе ги засили студот и ќе го отежнува движењето на планините и во западните региони.