Коалицијата „Храбро за Македонија“ најави кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, тужба во Управниот суд, а не ја исклучи можноста и за кривична против ДИК.
„Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласа и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии, кои немаат набљудувачи на гласачките места, е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа, ќе поднесеме тужба во Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК, Даштевски, кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници“, рече претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од чие водство беше формирана коалицијата „Храбро за Македонија“.
Имаат забелешки дека во записниците било заведено оти имаат повеќе гласови, а во финалните резултати од ДИК бројките биле намалени.
„Станува збор за упад во изборните резултати, а делата против избори се кривични, не застаруваат. Група адвокати работи на процена на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот“, обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.
Лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, рече дека на коалицијата „Храбро за Македонија“ во Изборната единица пет ѝ се украдени 4.000-5.000 гласа.
„Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видеодокази за повици на граѓани да земаат пари. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите“, рече Ибраимовски.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ не поднела приговори за изборните резултати оти сметаат дека кражабата ја направила Државната изборна комисија.
„Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор“, рече Јакимовски.
Од коалицијата јавно го повикаа Обвинителството да се вклучи и да направи истрага за украдените гласови.
Државната изборна комисија денес соопшти дека прифатиле седум приговори за седум избирачки места. Почна да тече рокот од 24 часа за тужби на Управен суд. Судот, пак, е обврзан да донесе одлука во рок од 48 часа по поднесување на тужбите. По одлуките на Управен суд, ДИК ќе направи симулација за да утврди дали бројот на гласови во избирачките места за кои се прифатени приговорите ќе влијае на резултатот од што зависи дали ќе има прегласување или ќе се објават конечните резултати од изборите.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ , според податоците од ДИК, на парламентарните избори освои 4.522 гласа.