Апелацискиот суд Скопје делумно ја потврди првостепената пресуда во предметот за изградбата на општинската зграда во Карпош, со што останува во сила едногодишната затворска казна за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за кривичното дело бесправно градење, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Второстепениот суд, постапувајќи по жалбите на обвинетите и на надлежниот јавен обвинител, донел пресуда со КОКЖ бр. 110/25, според која пресудата против обвинетиот С.Ј., поранешен градоначалник на Општина Карпош, за кривичното дело бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, за кое му е утврдена казна затвор во траење од една година, се потврдува.
Во изречената казна затвор на Јакимовски ќе му биде засметано и времето што го поминал во куќен притвор, од 19 март до 15 август 2019 година.
Во однос на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 4 во врска со став 1 и член 45 од Кривичниот законик, Апелацискиот суд ја уважил жалбата на обвинетиот и предметот, само во тој дел, го вратил на повторно судење.
„САКААТ ДА МЕ ОСУДАТ ЗА ДА НЕ СЕ КАНДИДИРАМ“: Јакимовски тврди дека пресудата е политички мотивирана
Од Кривичниот суд појаснуваат дека ова кривично дело се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а бидејќи за него е предвидена казна од три до пет години затвор, во согласност со одредбите за застарување, делото би застарело во 2027 година.
Одлуката на Апелацискиот суд се однесува и на второобвинетиот Т.Ѓ., за кого е укината условната осуда изречена во прв степен, а предметот и за него е вратен на повторно постапување.
Од судот дополнуваат дека укинатиот дел од предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи досегашниот судија веќе не е распореден во Одделот за организиран криминал и корупција. Делот во кој е потврдена затворската казна ќе биде доставен до судија за извршување санкции.
Основниот кривичен суд Скопје во април минатата година му изрече вкупна казна затвор од три и пол години на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за бесправно градење и злоупотреба на службената положба поврзани со изградбата на општинската зграда во Карпош. За бесправното градење му беше изречена казна од една година затвор, а за злоупотреба на службената положба три години затвор.
