Овие деца се гордост и иднина на државата
Учениците кои освоија награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и Дамјан Давков, освојувач на златен медал на Европската математичка олимпијада, ќе бидат свечено примени на гала-настан во Вила „Водно“ по завршувањето на тековните олимпијади. На приемот ќе присуствува и претседателката на државата, најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, Јаневска истакна дека државата значително ја зголемила поддршката за талентираните ученици, а од оваа година првпат се покриваат и трошоците за учество на меѓународни натпревари.
„Досега годинава исплатени се над пет милиони денари. На две здруженија сме им платиле – Сојуз на хемичарите и Сојуз на физичарите. На сите деца им биле покриени патот, сместувањето, како и на нивните ментори. Тие што завршиле со натпреварите, веќе се исплатени, ќе биде исплатен и Дамјан Давков. Приемот ќе го направиме гала, така како што овие деца – репрезенти, гордост и иднина на нашата држава, тоа и заслужуваат, заедно со претседателката на државата во Вила „Водно“, каде што ќе бидам присутна и јас. Секогаш им доделуваме благодарници и дипломи, досега недно дете не се пожалило“, рече Јаневска.
Зголемена финансиска поддршка за талентираните ученици
Министерката потсети дека Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани средношколци од областа на природните науки, спортот и уметноста, во износ од 3.500 денари месечно во период од девет месеци.
„МОН доделува и еднократен надомест за ученици што ќе освојат прво место на државен натпревар по кој било предмет организиран од акредитирани здруженија на наставници во висина од 50 проценти од просечната нето-плата во земјата, што не постоело пред оваа Влада, како и еднократен паричен надоместок за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки во висина од 100, 80 и 60 проценти од просечна нето-плата во земјата во зависност од освоеното место. Се доделува и награда за освоен медал – златен, сребрен или бронзен за една од 15-те меѓународни научни олимпијади во висина од пет, четири или три просечни нето-плати – ова е законско решение што го донесе оваа Влада“, изјави Јаневска.
Се подготвува нова концепција за работа со надарени ученици
Јаневска најави и подготовка на нова концепција за препознавање и работа со талентирани и надарени ученици, која ќе се темели на добри странски практики и искуства.
Според неа, целта е системски да се унапреди поддршката за младите таленти и да им се овозможат подобри услови за развој и напредок во областите во кои ги покажуваат своите способности.
