Јавната обвинителка на американската сојузна држава Њујорк, Летиција Џејмс истражува дали нафтената индустрија прекумерно ги зголеми цените на бензинот.
Истрагата на сојузната државата Њујорк ќе се фокусира на големите компании кои ја снабдуваат државата со нафта, рафинериите кои ја преработуваат сурова нафта во бензин и независни оператори на нафтоводи и терминали. Истрагата ќе го опфати целиот синџир на снабдување во државата Њујорк.
Цените на нафтата се на највисоко ниво во изминатите 14 години поради руската инвазија врз Украина и американските санкции кон Москва, кои вклучуваат забрана за увоз на руски енергенси.
Претседателот на САД, Џо Бајден минатиот месец ги обвини американските нафтени компании дека имаат рекорден профит додека Американците плаќаат високи цени за бензинот. Тој побара од нив да произведуваат повеќе и да ги земат предвид интересите на потрошувачите, а не на инвеститорите и најави рекордна продажба на нафта од стратешките резерви.